Политика

Брегзит и Македонија

Секоја една држава, без оглед на нејзината големина и сила е нападната од најновото чудовиште на 21-виот век, либералниот глобализам. Во овие тешки времиња, кога македонската политичка свита, самата, без дозвола од македонскиот народ, го смени името на државата, сведоци сме на повеќе такви “доброволни” отстапувања и во други земји. Ако ние сме најеклатантниот пример за кршење не само на демократијата туку и на човечкото право на самопределување, Обединетото Кралство може да го заземе второто место за недемократско одлучување преку игнорирање на волјата на народот изразена на референдумот за излез од ЕУ. Дали Обединетото Кралство и Македонија ја губат својата битка за сувереност пред нападот на либералниот глобалистички проект наречен ЕУ, секоја на свој начин?

Од поодамна во Обединетото Кралство постои поделеност по прашањето на членството во ЕУ, но продлабочувањето на интеграциските процеси со ЕУ ги доведе островјаните до се подлабока идентитетска криза. Зошто? Обединетото Кралство постои како демократска и суверена држава со стотици години во кои има изградено парламентарен систем на владеење кој денес служи како пример за многу земји низ целиот свет. Кралството било центар на моќна глобална империја која го доживеала својот зенит во XIX век. После двете светски војни во XX век кралството го губи својот статус на светска супер сила. Падот на империјата е јасно видлив во повоените години кога кралството го губи и својот економски примат, а Германија, членка на тогашната Европска Економска Заедница (ЕЕЗ), прераснува во голема економска сила. Во потрага на побрз економски развој кралството и се придружува на ЕЕЗ во 1973 година.

Брегзит своите корените ги влече од времето кога ЕЕЗ прераснува во интегрирана европска унија во која законите донесени во Брисел стануваат дел од законодавството во сите земји членки на ЕУ, вклучувајќи го и Обединетото Кралство. Заедницата постепено ја намалува конкурентноста на европскиот пазар. Придобивките поврзани со заедницата со време стануваат се помали, а политичката и економската контрола на Брисел постануваат се позначаен фактор кој почнува да го гуши здравиот економски и општествен развој на земјите членки. Со таква парадигма, кралството се наоѓа пред значаен предизвик дури и пред Мастрихтшкиот договор од 1992 година. Прашањето кое ги окупира властите во Лондон е како да ја задржат својата сувереност наспрема се подлабоката европска интеграција. Перцепцијата за перспективна и долгорочна економска благосостојба се губи со тоа што се повеќе индустриски гранки во кралството пропаѓаат поради однадвор наметнат регулативен систем, постануваат неконкурентни, а цените на пазарот се креваат поради нездравата конкуренција и затворените граници за размена со остатокот на светот.

Кралството се справува со овие предизвици со тоа што упорно ја брани визијата за ЕУ како заедница на суверени држави со вградени бенефиции како што се слободна трговија, заеднички царини, но фискална слобода. Истовремено, кралството покажува отпор кон сите правила кои значат губење на државната сувереност како што се: слобода на движење во рамките на ЕУ, заедничката ресорна политика која ги ограничува производителите, рибарите и другите претходно национално заштитени дејности и, најзначајно, постоење на заедничката валута, еврото. Со тоа Обединетото кралство се става против интересите на Германија и Франција кои ја водат ЕУ кон европска федерација во која Брисел е главен град со се посилни ингеренции. Материјалната цена за функционирањето и обединувањето на ЕУ ја плаќаат сите членки, но не сите подеднакво. После Германија и Франција, Обединетото Кралство е најголемиот донатор на фондови за ЕУ. Со цел да го заспори интегративниот процес, кралството поддржува постојано зголемувањето на членството на ЕУ со нови членки, пред се од источниот блок. Истовремено одбива учество во многуте интегрирачки проекти како шенгенскиот договор или еврозоната, кои проекти  за многу земји членки значат губење на последните елементи на сувереност. Конечно ЕУ добива заедничка надворешна и се поизразена одбранбена политика, во која кралството не гледа простор за свое учество поради тоа што и самата има врвна дипломатска мрежа со долга традиција која ги штити интересите на кралството, специјални односи со САД, како и многубројни тесни врски со разузнавачките служби ширум светот.

Последната заложба на Обединетото Кралство во врска со ЕУ беше да издејствува некаков специјален статус за својата земја во рамките на унијата. Пред се, кралството бараше да има цврста контрола на своите граници, кое барање беше одбиено од ЕУ. Со сето тоа силите против членството во ЕУ стануваат се посилни. Во периодот кој следува конзервативната партија на власт почнува да се дели на таканаречени останувачи и заминувачи. Предводена од Најџел Фараж, УКИП (Партијата за независност на Обединетото Кралство) со засилена политичка активност почнува да се бори за излегување од ЕУ и со тоа ги привлекува во своите редови истомислениците од конзервативната партија на премиерот Дејвид Камерун. Затоа премиерот најавува дека доколку победи на изборите, одлуката за ЕУ ќе ја реши со помош на референдум. После добиената доверба од народот, Камерун свикува обврзувачки референдум закажан за 23ти јуни, 2016 година.

Двете кампањи, за и против Брегзит, се водат од страна на исти политички структури, сега разделени во два табори. Премиерот и мал број министри се на страната за останувањето на кралството во ЕУ, додека одреден дел од политичарите од истата партија се за излегување од унијата. Референдумот завршува со одлука за излегување од ЕУ, со што премиерот Камерун поднесува неотповиклива оставка. Се распишуваат нови парламентарни избори на кои повторно победува конзервативната партија и Тереза Меј станува новиот премиер. После изборите, двете најголеми партии, Лабуристите и Конзервативната партија, изгласуваат закон за излез од ЕУ, а премиерката Меј во согласност со член 50 од ЕУ уставот (лисабонскиот договор) официјално бара излез од унијата. Членот 50 вели: ЕУ во рок од две години ќе преговара за склучување договор со државата која сака да ја напушти унијата, со кој договор ќе ги утврди аранжманите за нејзино повлекување и одредување нова рамка во која ќе се регулира нејзиниот иден однос со унијата. Ако по истекувањето на две години од барањето за излез од ЕУ, не се постигне договор, во тој случај земјата би ја напуштило ЕУ целосно без никаков договор. Тереза Меј ги започнува преговорите со ЕУ на 19ти март 2017, а исходот од тие преговори стана јасен дури во декември 2018 година, кога е обелоденет крајниот исход.

Договорот со својата крајно неповолна содржина за Британија е дочекан со недоверба, резигнираност и одбојност од скоро сите политички структури и огромен дел на народот. Содржината на договорот е капитулантски за Обединетото Кралство. Не само што ги остава нечепнати огромниот број на обврски кон ЕУ и нејзините ригорозни правила, туку наметнува диктат на ЕУ со неограничен временски период и загарантирано вето од страна на унијата. Според договорот, кралството не може самостојно да одлучи да се одвои од ЕУ. Со други зборови, договорот не само што не е за излез од унијата, туку ја става Британија во потчинета положба без право на глас, ситуација која е полоша од останување во ЕУ. Парламентот на Обединетото Кралство во декември минатата година го дебатираат договорот на Меј, но само еден ден пред закажаното гласање премиерката го одложува гласањето за некаде во јануари идната година. Договорот е конечно ставен на гласање на 19ти јануари 2019 кога парламентот истиот го одбива.

Премиерката тогаш најави дека ќе проба да добие нови концесии од ЕУ пред истекувањето на рокот за Брегзит и ќе го врати договорот на повторно гласање. Истовремено изјавува дека излегувањето од ЕУ без договор (кое е во потполна согласност со законот изгласан во истиот парламент) не е опција и дека цената на таквиот излез од ЕУ би била превисока. После повторните неуспешни преговори со ЕУ, Тереза Меј повторно го става истиот договор на гласање, каде е повторно одбиен. Со овој резултат Меј бара од ЕУ да се продолжи рокот за Брексит за три месеци, за кое време би ги убедувала политичарите да го прифатат договорот како последна шанса за Брегзит. Тоа е одбиено од страна на ЕУ. Новиот продолжен рок што Британија го добива за излез од унијата без договор е 12ти април, но доколку Тереза Меј успее да го убеди парламентот да гласа за нејзиниот катастрофален договор склучен со унијата, тогаш рокот за излегување би бил 23ти мај, 2019 година.

Во својот трет обид да се постигне мнозинство за договорот, Меј влегува со вешти манипулации. Го раздвојува договорот на два дела во кои парламентот би се изнел само за првиот дел, кралството да излезе од ЕУ, а вториот дел, одредување на новиот статус на кралството во рамките на унијата, би бил изгласан подоцна. Второ, доколку договорот е повторно одбиен, Меј би го продолжила периодот за Брексит за една година или подолго со можност да се постигне нов договор со ЕУ доколку тоа е воопшто е прифатливо од унијата. Петокот на 29ти март 2019 година парламентот го одбива договорот по трет пат.

Познавачите на актуелната политичка состојба освен што предупредуваат на хаос доколку нема соодветен план во парламентот, тие предупредуваат дека Меј се придвижува до одлуката да издејствува оставка и нови парламентарни избори заради кои би побарала многу подолг период за Брегзит. Оваа опција практично би значела напуштање на планот за Брегзит и пропаѓање на идејата за излегување од ЕУ. Сето ова манипулирање со политичарите во парламентот е спротивно на законот за Брекзит кој беше изгласан во истиот тој парламент и спротивно на одлуката на народот изразена на задолжителниот референдум.

Со подлабока анализа паѓаат в очи неколку работи кои го навестуваат идното политичко уредување во Обединетото Кралство. Прво, поделбата на народот пред и за време на кампањата покажува дека проблемите со кои се соочуваат граѓаните на државата не се производ само на членството во ЕУ. Од поодамна народот покажува општо незадоволство од правецот во кој се движи државата. Второ, разидувањето на народот со политичката елита ќе доведе до нови политички движења кои во наредните неколку години ќе ги разрешат актуелните политички структури од власт. На повидок се нови политички парти како што е Партијата Брегзит од Најџел Фараж. Разрушената демократија ќе доведе до евентуален ремонт на политичкиот систем кој сега влече корени од пред неколку века. Репутацијата на државата за демократско владеење е во надолна линија, не само во кралството туку и многу пошироко. Единствената позитивна страна на Брегзит засега е разбудениот електорат и неговата смиреност пред предизвиците. И покрај возбудливата кампања и уличните протести, во кралството нема економска, општествена или безбедносна криза, што е доказ дека единствената паника околу Брегзит доаѓа од политичарите и нивната неспремност да го зачуваат својот демократскиот кредибилитет. Последно, но не и безначајно во оваа анализа, е тоа што очигледно е дека политичките елити можат да бидат поткупени и да си го сменат мислењето преку ноќ. Не постои партиска, државничка или било која друга лојалност на политичарите кои постојано зборуваат за принципи, а истите ги кршат со голема леснотија.

Во Македонија работите стојат поинаку само во описот на кризата, но не и во нејзината суштина. Она што не поврзува со Брегзит е надворешниот притисок да се откажеме од нашата сувереност во сите нејзини облици. Во кралството се работи за границите, законите и присилното усогласување со се што е одлучено во Брисел, а во случајот со Македонија тоа се името и идентитетот на државотворниот народ, Македонците. На Македонија и се наметнуваат обврските од законодавството и диктатот на Брисел дури и пред земјата официјално да стане членка на ЕУ. Тоа значи обврска без репрезентација, нешто што е крајниот резултат и на Брегзит доколку помине договорот на Меј. Македонија го доживеа ултиматумот преточен во договорите со Грција, Бугарија и со Тиранската платформа, како инструмент на потполна државна капитулација во која својата неприкосновена во меѓународниот закон сувереност ја предаваме на соседните држави без притоа да имаме било какви придобивки. Со тие договори се губи правото на идентитетот како Македонци и сите историски и други придобивки стекнати од страна на македонскиот народ. Како и со Брегзит, договорите и последиците од тие договори се наметнати со сила и против волјата на македонскиот народ. Исто така се наметнува референдум за промена на името кој е бојкотиран од македонскиот народ и како таков е неуспешен. И покрај неуспешниот референдум, нелегалната и контролирана од странски фактори власт, го поминува договорот од Преспа во собранието со купени и изнудени гласови. За разлика од Обединетото Кралство, методите кои беа користени во Македонија далеку ги надминуваат нормите на нормален политички процес и преминуваат во фашистички и крајно окупаторски методи. Името на Македонија не е променето од страна на народот туку од ненародната власт инсталирана со недемократски и насилни методи. Со донесувањето на капитулантски договор за Брегзит и со игнорирање на процедурите во суштина, власта ја игнорира волјата на народот. Претседателот на парламентот во Лондон нагласи дека не може да се повтори гласање за истиот договор кој претходно бил одбиен од парламентот, а сепак тоа се случи. Има индикации дека гласањето во парламентот ќе се повторува се додека договорот не биде изгласан. Во Македонија, претходните собраниски избори беа одложени два пати, се додека не беа формирани услови за уривање на партијата на власт, која и покрај се успеа да победи. Победата беше манипулативно и нелегално одземена на 27 април 2017 година.

Во Македонија, како и во Обединетото Кралство, неправдата и одземената легитимност на суверениот народ ќе вроди нови политички состојби во кои народот ќе ги смени оние кои го прекршиле и го продале нивниот суверенитет. Како и во кралството, и во Македонија најголемите политички партии беа искористени да се порази народот и да се постигне резултат кој е поволен за либерално-глобалистичката елита.

Во Македонија двете политички партии, СДС и ДПНЕ, веќе не се ни македонски, нити демократски. Веќе почнуваат да се раѓаат нови движења и политички партии кои ќе победат во некои идни избори. Родина е една од тие партии која произлегува од идеите за одбрана на родот, идентитетот и вистината за Македонија.

Но истите надворешни сили кои во моментов ја окупираат македонската политичка сцена во иднина, ако не и сега во моментов, работат на формирање и финансирање нови политички партии кои ќе бидат замена за веќе употребените и истрошени СДС и ДПНЕ, со цел да продолжат да ја окупираат Македонија и да не дозволат развој на државата како економски, така и политички со што сакаат трајно да завладеат со овие простори. Затоа Македонците треба да бидат внимателни кого ќе го изберат да ги претставува во иднина. Ветувањата се едно, а карактерот на политичарите се нешто сосема друго.

За крај, треба да ги разбереме последиците од Брегзит за Македонија. Останувањето на кралството во ЕУ е сон на глобалистите, но истовремено и опасност за заедништвото во самата ЕУ. Доколку кралството навистина ја напушти ЕУ, унијата ќе има прилика да се консолидира и да ги збие своите редови, не оставајќи простор за отстапувања од зацртаните одредници на Брисел. Помалите членки тогаш постануваат уште поневажни за големите европски сили и како такви се подложни на губење на својот суверенитет во полза на Брисел. Таквата ЕУ не е поволна за Македонија.

Денес, Обединетото Кралство и Македонија се тесно поврзани преку своите проблеми со ЕУ. Народите и во двете држави се борат за својата независност и сувереност. Прашањето, што е подобро за Македонија, Британија да се одвои од ЕУ или да остане во неа е тешко да се одговори поради големата динамика со која се одвиваат процесите на поширокиот европски простор. Но, тоа не е вистинското прашање. Вистинското прашање е како Македонија да опстане како суверена држава на македонскиот народ.

Ако Брегзит е последица на процесот на разградување на ЕУ, статусот на Обединетото Кралство во ЕУ е небитен за моменталната состојба во унијата, а со тоа и за Македонија. На подолг рок, Брегзит неминовно ќе води кон нови Брегзити. Единствената опасност за Македонија тогаш продолжува да биде само бриселската бирократија која упорно бара Македонците да се откажат од својот суверенитет, под изговор дека само на тој начин е можно нејзиното пристапување кон ЕУ. Македонците мора да бидат свесни дека процесот на проширување на ЕУ, со или без Брегзит е запрен, а со тоа членството во ЕУ е невозможно.

Чаре? Знаејќи дека притисокот на Брисел е базиран на лажни ветувања, Македонците мора да ги зачуваат своите национални карактеристики кои произлегуваат од негувањето на својот јазик, зачувувањето и јакнењето на својата култура, следењето на својот начин на живот и свеста за своите корени низ историјата. Ако во тоа успеат, тогаш ќе биде многу полесно да си ги повратат своите киднапирани институции, да донесат нов устав, да го вратат своето исконско име и симболите кои насила им беа одземени. Пораката која треба да допре до секој од нас е дека ЕУ не е вечна, а доказот за тоа е Брегзит. Дали тој ќе успее да го ослободи Обединетото Кралство од канџите на ранетата ЕУ, воопшто не е важно.

 

 

Loading...

Related posts