Колумни

ШТАБСКОДОНСКА ДУБИОЗА И ХИПНОЗА – КОЛУМНА НА СОЊА МАНЏУК

ШТАБСКОДОНСКА ДУБИОЗА И ХИПНОЗА

Којзнае, да знаеше преговарачкиот тим на Ципрас дека во Македонија со децении се одгледува вазалски штабско- послушнички расад како гласачка машинерија, ќе се испазареа за името на нашата држава да биде Штабскадонија , ни М од Македонија во него да нема. И сега ќе бевме пред кристално чист избор за претседател на Република Штабскадонија. Да знаеја дека има значител број на гласачи на коишто Партијата им е и татко и мајка и биро за вработување и единствена можност за напредување и љубов голема за партиски привилегии. И дека нивниот патриотизам дотука се протега и дека лесно може се` да им се протне како прифатливо. И име Штабскадонија и идентитетот кој од него ќе произлезе. А, кругот се врти, па и Курто и Мурто нестрпливо задоволни , сепак ќе го чекаат својот ред.
Ионака на овие претседателски избори само штабски послушници ќе гласаат и од позицијата и од опозицијата и некои по менталитет такви или малку повеќе во умот заплакнати. Простете ако се препознаете!
А, пропагандното заплакнување на умот, пуштено на најако. Како допинг доза потхранувачка , врз расадот. Како поинаку да се разбере колективната дубиоза на хипнотизираната партиска толпа? И кај едните и кај другите исти.
Едните цврсто убедени дека и покрај промената на името на државата ( која веќе ни држава не може да се нарече ) и идентитетот кој од него произлегува, сепак ќе си останеле Македонци а државата ќе одела во еу и нато и ќе станела богата и просперитетна и ќе блескала во светот, како и нивниот лидер. Со храбриот херој Зоќо и со лик како Стево Пендаровски во кого некои видоа и замена за таткото кого ‘ моментално го немале‘, не само татко на нацијата северноцрпната. Но да не се задржувам на стендап комичарите и нивните интерактивните партиски учесници ,верувам дека на сите ни е веќе доста од нив. Тие однапред си леганаа на севрџанското брашно, веднаш си беа замесени и сега се готов происход. Поинтересни за анализа се другите, кои се опираат да бидат замесени во северџанци, а сепак ќе си легнат на брашното, со надеж дека нема да бидат замесени иако ќе гласаат за претседател на ..тешко ми е и да го напишам ..страната на светот спротивно од исток- Македонија. Замижани пред реалноста, надеж гледаат и во гласачките ливчиња на кои немало да пишува ..страната на светот спротивно од исток -Македонија, но не догледуваат дека на изборните ливчиња не пишува ни Македонија. Трик за лековерни и фатени за сламка надеж дека нивниот кандидат за претседател на северџанската новотворба ќе го смени со формирање на комисии и со жалби и поплаки каде и да стигне, колку бил преспанскиот договор штетен за нас како Македонци.
Ги видовме, на за нив историскиот митинг – со транспаренти Македонија ќе победи, го промовираа кандидатот за претседател на Северна, на кого Македонија само во дневна ќе му биде Македонија, оти легалист нели, па сите договори, дури и да се нелегални, ќе ги почитува, а Преспанскиот и ќе го потпише со што и ќе му даде легитимитет. Но, го видовме тоа ние коишто сме непартиски одгледани. Се надевам и тие што се отргнале од партиската хибридизација. Видовме- младо, старо ново мицковистичко се собрало за да го подзајакне подзацементира индентитетот на којшто Заев му ја удри првата лопата!
И ја слушнавме надпартиската кандидатката за претседател зад која што застанаа оние што се уште ни се продаваат за опозиција а пред своето членство кое мрчело, лидерот ја ја претставува како поголем вмровец од сите нив. Не знам колкумина од нив, го купиле продаваното. И не е битно. Ќе видиме за еден ден. Но битно е следново, за да се сфати колку е длабока таа партиска дубиоза, небулоза и хипноза: Силјановска Давкова, се прашуваше каква била таа слободна држава во која химна македонска не се пее, па заклучи окупирана дека била. Одличен заклучок. Требаше да продолжи во таа насока па да се запраша и себеси и тие пред кои се обраќа – какви се тие претседателски избори во таква окупирана држава, со неуставни закони и ратификација на договор преку уцени, поткупи и заканувања, на коишто, ако победам, ако ме изберете за претседател, ќе треба да ги потишам, ќе треба да им дадам легитимитет. Но, ако одеше во таа насока и не ќе мораше да каже БОЈКОТ, ќе се подразбираше.
Како што се подразбира кај имуните на штабскодонска дубиоза и хипноза!
И кај оние на кои им е кристално и чисто јасно дека нивниот глас за претседателски избори е откажување од самите себеси како Македоници, а тоа право не му го даваат никому. И затоа нивниот избор е –Бојкот на изборите.
Но, Заев мислел и на тоа, или поточно што има тој да мисли, како што си кажа самиот, кога ја има Рената Десковска, смислила му кажала-има две можности и две подможности- ‘или ќе има пофтарање на избори или да го смени Уставот, да бира претседател во Собранието или да го тргне цензусот.‘ Два дена по ова откровение се јави Десковска да каже дека тоа било препорака и од Венецијанската Комисија, превисок бил цензусот и овозможувал да не се избере претседател, преку бојкот ,секако.
Тие, секако, можат и Уставот да го сменат, со леснотија, како да им е рало опинци, можат и цензусот да го спуштат, како што ги спуштаат сите демократски алатки на владеење и преку најава на автократска диктатура, преку најава на непочитување на волјата на граѓаните, како што веќе направија со референдумот. Можат и јасно и гласно да кажат- ќе правиме како што ни одговара, што сакаме ќе правиме и тоа демократија да го нарекуват. Но, тоа може да помине само кај нивното мало, верно и слепо партиско ,вазалско членство, да не речам стадо. И кај другите исто. Простете, но разликата помеѓу штабски послушници и стадо овци е во тоа што вторите барем знаат кога ги носат на пасење, кога на стрижење, а кога во кланица. Ај,па за наредните парламентарни може Венецијанската комисија ќе ги советува да си донесат друг,нов народ. Затоа што овој чијашто волја не ја почитуваат ќе ги бојкотира и тогаш. Друг, нов народ. Оној кој ЕУ едвај чекаат да поминат изборите, па да го вратат тука, каде што ги регистрирале како мигранти, а услови за живот веќе им создаваат.
И затоа само преку бојкот ќе може да падне ова куртомуртовска послушна партизирана штабскодонска матрица на однесување.

Соња Манџук

Loading...

Related posts